Македонија

Со вкрстено испрашување на вештакот од одбраната на Груби продолжи судењето за „Државна лотарија“

Со вкрстено испрашување на вештакот од одбраната на Груби продолжи судењето за „Државна лотарија“

Надлежностите на Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии беа во фокусот на денешното рочиште за случајот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами и уште шест лица.

Доказната постапка во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи со вкрстено испитување на вештото лице Анита Поповска од страна на одбраната на Груби. Адвокатот Владимир Доневски поставуваше прашања поврзани со постапката за набавка на видеолотариски терминали и улогата на институциите во нејзиното спроведување.

Поповска објасни дека основната цел на управната контрола што ја вршело Бирото за јавни набавки била да се провери дали во постапката биле почитувани правилата и процедурите предвидени со Законот за јавните набавки.

На прашањето дали Бирото имало можност да покрене прекршочна или кривична постапка, вештото лице одговори дека не знае кои дополнителни инструменти му стоеле на располагање, нагласувајќи дека во вештачењето се водела од нормативите поврзани со финансиските аспекти.

Одбраната се интересираше и за последното плаќање по јавните набавки, за кое беше посочено дека било извршено на 26 септември 2025 година, по промената на раководството во Државна лотарија. Поповска рече дека не знае кога точно дошло до промената на раководството.

Во продолжение, прашањата се однесуваа на мислењето на Министерството за финансии за информацијата на Државна лотарија доставена до Владата, односно дали преземањето активности за приредување игри на среќа имало буџетски импликации.

Вештото лице потврди дека мислењето на Министерството се однесувало на потребата Државна лотарија да преземе активности за приредување игри на среќа. Таа посочи и дека во заклучокот било наведено оти Министерството, во рамки на своите надлежности, нема забелешки по информацијата.

Поповска потврди дека при изготвувањето на вештиот наод ги земала предвид Законот за буџетите, Законот за игрите на среќа и Законот за Владата, но не и Деловникот за работа на Владата.

Одбраната потоа се повика на членовите 25 и 26 од Законот за игрите на среќа, посочувајќи дека Министерството за финансии има обврски што не се ограничуваат само на административна улога, туку опфаќаат и проверка на соодветноста на документацијата.

Обвинителството реагираше со приговор дека во прашањето се содржани констатации и дека од вештото лице од економска област се бара да толкува законски одредби. Судот го одби приговорот.

На претходното рочиште Поповска појасни дека вештачењето ја опфаќа целата постапка за набавка на видеолотариските терминали – од планирањето и спроведувањето на јавната набавка, преку склучувањето на рамковните спогодби, до испораката на опремата и извршените плаќања.

Таа тогаш соопшти дека за набавката биле исплатени вкупно 596.125.511 денари. Воедно, наведе дека за третиот избран економски оператор не биле утврдени склучени посебни договори, испорака, фактурирање или плаќање.

Според обвинението, осумтемина обвинети со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни