Домашните компании продолжуваат да добиваат финансиска поддршка за реализација на своите инвестициски планови преку поволните кредитни линии обезбедени од Владата. Нови 45,2 милиони денари се префрлени од Централниот буџет кон Развојната банка, со што вкупната досега реализирана поддршка за приватниот сектор достигна 242 милиони евра.
Од Министерството за финансии информираат дека досега преку оваа мерка се пласирани 14,9 милијарди денари, а во Буџетот за нејзина реализација се предвидени вкупно 250 милиони евра.
Средствата се наменети за поттикнување на инвестициите на домашните компании, зголемување на економската активност и поддршка на приватниот сектор. Првата транша од Буџетот кон Развојната банка беше реализирана во март минатата година.
Финансиските средства Владата ги обезбеди преку унгарската Експорт-импорт банка, а до крајните корисници се пласираат преку Развојната банка и деловните банки.
Кредитите се одобруваат под поволни услови, со каматна стапка од 1,95 проценти и рок на отплата до 15 години. Предвиден е и грејс-период до три години, што им овозможува на компаниите дополнително време пред да започнат со отплата на главницата.
Од Министерството за финансии посочуваат дека мерката има значајна улога во поддршката на приватните инвестиции и поттикнувањето на економскиот раст.