Проектот „Безбеден град“, со кој се воведува нов пристап во контролата и унапредувањето на сообраќајната безбедност, доби меѓународно признание на Светскиот полициски самит во Дубаи. На министерот за внатрешни работи Панче Тошковски му беше врачена наградата „Excellence in Road Safety“ на свечената церемонија World Police Summit Awards 2026, во Обединетите Арапски Емирати.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека наградата е признание за реформите што се спроведуваат во областа на сообраќајната безбедност.
Проектот „Безбеден град“ опфаќа системски пристап кој ги комбинира современите технологии, законските измени, автоматското регистрирање на сообраќајните прекршоци и дигитализацијата на постапките. Главната цел е намалување на сообраќајните несреќи и поголема заштита на човечките животи.
Покрај врачувањето на наградата, Тошковски имаше обраќање и на воведниот дел од Светскиот полициски самит, пред претставници на полициски служби и меѓународни институции.
Во говорот ја истакна важноста на меѓународната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици, посочувајќи дека последиците од постапувањето или непостапувањето на институциите често ги надминуваат државните граници.
Како пример за успешна соработка ја наведе заедничката истрага на македонската полиција и американското ФБИ против нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајберкриминал.
Според Тошковски, активностите преземени во Македонија придонеле за заштита на дигиталната безбедност на граѓаните во Соединетите Американски Држави.
„Големината на една држава не ја ограничува важноста на нејзиниот придонес. Една навремена информација, една успешна истрага или една спречена закана можат да заштитат човечки животи далеку над нејзините граници“, порача министерот.
Од МВР оценуваат дека меѓународното признание претставува поттик за продолжување на реформите, модернизацијата и примената на современи технолошки решенија во полициското работење.