Семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ бараат Општина Кочани јасно да каже дали и кога ќе им ги префрли двата милиона денари што, според родителите, им биле ветени за спомен-обележјето. Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Томче Стојанов, татко на Андреј, и Александар Наунов, татко на Надица, кажаа дека идејното решение е изработено, а семејствата сè уште собираат средства за изградбата.
Стојанов рече дека родителите добивале различни објаснувања за парите. Откако им биле ветени, вели тој, им било кажано дека средствата биле потрошени, а потоа повторно се зборувало дека ќе им бидат доделени.
„Тоа што ни е ветено, барам нека се исполни. Нека се каже – можеме, не можеме“, порача Стојанов, барајќи од Општината поодговорен однос кон семејствата.
Според Наунов, двата милиона денари првично биле предвидени за идејното решение. Бидејќи него веќе го изработила приватна фирма, семејствата очекуваат средствата да се пренаменат за изградбата и Општината со договор да му ги префрли на здружението, кое е инвеститор на спомен-обележјето.
Наунов објасни и зошто на семејствата им е важна избраната локација. Спомен-обележјето е планирано во центарот на Кочани, на место каде што нивните деца често излегувале.
„Само ни останува на нас да ги собереме средствата и да направиме едно спомен-обележје кое тие деца го заслужуваат“, рече Наунов.
Кога ќе биде изградено, според него, зависи од тоа кога ќе се соберат потребните средства. Податоците за донации се објавени на Фејсбук-страницата на здружението.