Компаниите што ќе ги прекршуваат правилата за забрана на нефер трговски практики во иднина би можеле да се соочат со казни до 200.000 евра. Десеткратно зголемување на глобите е предвидено со измените на Законот, кои се подготвуваат и се очекува да бидат донесени во текот на следната година.
Министерот за економија Бесар Дурмиши денеска изјави дека Законот се применува веќе десет месеци и досега има одредени резултати, но неговиот ефект сè уште не е на очекуваното ниво.
Измените се подготвуваат во координација со надлежните институции и претставниците на бизнис-секторот. Според Дурмиши, во текот на разговорите се појавиле различни ставови за предложените решенија, но се очекува да биде усогласен конечниот предлог.
„Измените се работат со сите надлежни институции и бизнис-секторот. Имаме различни мислења, но ќе излеземе со конкретен став“, изјави Дурмиши на брифингот со новинарите.
Со новите законски решенија се планира проширување на опфатот на Законот. Покрај досегашните субјекти, со него ќе бидат опфатени и маркетите, односно трговските синџири, како и дистрибутерите.
Министерот најави и подготовка на нов Закон за угостителска дејност, со кој треба да се регулира работењето на угостителскиот сектор.