Младите брачни двојки до 35-годишна возраст би можеле да купуваат станови по цена најмалку 20 отсто пониска од просечната, предвидува новиот владин предлог, кој наскоро треба да се најде пред пратениците. Според најавеното решение, градежните компании ќе имаат обврска најмалку 10 проценти од станбената површина во новите објекти да ја наменат за оваа категорија граѓани.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека законското решение ќе биде доставено до Собранието, а за да се спречат евентуални злоупотреби, намалената цена ќе се пресметува врз основа на просечните цени на становите од претходната година, евидентирани во Катастарот за соодветната катастарска општина.
„Секоја градежна компанија којашто во иднина ќе гради објекти за домување, мора однапред да определи најмалку десет проценти од станбената површина“, истакна Мицкоски, појаснувајќи дека становите ќе се нудат на млади брачни парови по цена најмалку 20 проценти пониска од референтната.
Од градежниот сектор начелно ја поздравуваат иницијативата, но сметаат дека пред нејзиното спроведување се неопходни дополнителни консултации и прецизно утврдување на законските механизми. Според нив, поддршката за младите е особено важна во период кога високите цени на недвижностите го отежнуваат решавањето на станбеното прашање.
Градежниците оценуваат дека дел од предложените мерки би можеле релативно брзо да се реализираат, додека за други ќе биде потребна поширока расправа и усогласување меѓу надлежните институции.
Во однос на можните последици врз пазарот, претставниците на градежниот сектор сметаат дека издвојувањето станови за млади не би требало директно да предизвика поскапување на останатите станови. Сепак, предупредуваат дека цените зависат од повеќе фактори, меѓу кои трошоците за изградба, понудата и побарувачката.
Според нивните проценки, во моментов се забележува намалена заинтересираност кај купувачите и зголемена понуда на станови, што дополнително влијае врз состојбите на пазарот.
Цените на недвижностите во Скопје и натаму остануваат високи. Во периферните населби квадратен метар достигнува околу 1.500 евра, во Ѓорче Петров околу 2.000 евра, а во Кисела Вода околу 2.300 евра. Во Аеродром и Карпош цените се движат околу 2.500 евра, додека во Центар достигнуваат приближно 3.000 евра за квадратен метар. За одредени станови се бараат и до 3.500 евра по квадрат.
Со предложената мерка Владата има цел да го олесни пристапот до сопствен дом за младите семејства, но конечните услови и начинот на нејзино спроведување ќе зависат од законското решение што треба да биде разгледано во Собранието.