Македонија

Колку ќе поскапи парното и струјата од јануари? Компаниите бараат повисоки цени

Колку ќе поскапи парното и струјата од јануари? Компаниите бараат повисоки цени

Граѓаните од почетокот на следната година би можеле да се соочат со нови поскапувања на енергенсите. Компаниите за снабдување со топлинска енергија веќе доставиле барања за зголемување на цените на парното греење, додека се најавува и можно поскапување на електричната енергија за домаќинствата.

„ЕСМ Снабдување“ и „Скопје Север“ бараат зголемување на цената на парното за 7,5 проценти, додека „ЕСМ Енергетика“ предлага поскапување од 7,2 проценти. За правните лица се бараат и повисоки тарифи.

Како главна причина за барањата се наведува растот на цената на природниот гас, кој директно влијае врз трошоците за производство на топлинска енергија.

Доколку Регулаторната комисија за енергетика ги одобри предложените тарифи, новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2027 година.

Ова би било дополнително финансиско оптоварување за домаќинствата, имајќи предвид дека со претходните две корекции парното греење веќе поскапело за вкупно 11 проценти.

Паралелно со барањата за поскапо парно, се најавува и можност за зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата од два до три проценти, исто така од почетокот на следната година.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе ги искористи сите расположливи механизми за да го заштити животниот стандард на граѓаните и да спречи дополнително зголемување на трошоците за енергија.

Конечниот збор за новите тарифи ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која треба да ги разгледа доставените финансиски барања и да ги направи потребните пресметки.

Засега нема конечна одлука за поскапувањето, а евентуалното зголемување на цените на парното и струјата би претставувало дополнителен товар за семејните буџети.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни