Свет

Иранска пејачка осудена на 74 удари со камшик поради концерт без хиџаб

Иранска пејачка осудена на 74 удари со камшик поради концерт без хиџаб

Иранската пејачка Ахмади и осум членови на нејзиниот тим се соочуваат со казна од 74 удари со камшик, двегодишна забрана за напуштање на Иран и забрана за занимавање со уметнички активности во истиот период. Судот во иранскиот град Ком ја потврдил пресудата поради наводно навредување на јавниот морал.

Причина за казната е концертот што пејачката го одржала во декември 2024 година, чија снимка брзо се проширила на социјалните мрежи. Настапот бил организиран во историскиот караван-сарај Дајр Гачин, покрај некогашниот Пат на свилата.

За време на концертот, пејачката настапила без задолжителниот хиџаб, со што ги прекршила строгите правила за облекување на жените во Иран, како и ограничувањата за нивно самостојно јавно пеење. Во нејзиниот настап биле застапени и теми поврзани со националниот идентитет и народниот отпор.

Иранските власти го оцениле објавениот видеоматеријал како неморален, што било основа за покренување на постапката.

Според иранското законодавство, кое се темели на државното толкување на шеријатското право, жените и девојчињата по пубертетот се обврзани да ја покриваат косата и да носат широка облека што не ги истакнува контурите на телото.

Според најновите информации од 23 ноември, казната од 74 удари со камшик веќе е извршена врз Парасту Ахмади и четворица членови на нејзиниот тим, потврдил нивниот адвокат. Првично, на ваква казна биле осудени вкупно девет лица поврзани со концертот.

Случајот потсетува и на казнувањето на курдско-иранската активистка Роја Хешмати, која во јануари 2024 година доби 74 удари со камшик поради фотографија на која не носела хиџаб.

Прашањето за правата на жените во Иран е особено актуелно по масовните протести во 2022 година, кои започнаа по смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор. Таа претходно била приведена поради наводно неправилно носење хиџаб.

И покрај строгите правила и казните, дел од Иранките продолжуваат јавно да се спротивставуваат на задолжителното покривање на косата, додека властите одговараат со апсења, ограничувања и други санкции.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни