Со макети испрскани со боја, младите активисти од ХЕРА денеска побараа навремена институционална заштита на жртвите на родово базирано насилство. Акцијата ја носи пораката „Заштита пред смртта, не правда по неа“, а активистите посочија дека годинава седум жени во земјава биле жртви на фемицид.
Од ХЕРА млади предупредија дека охрабрувањето на жените да пријавуваат насилство не е доволно ако по пријавата не следуваат брза реакција и конкретни мерки за нивна безбедност.
„Но, охрабрувајќи ги жените да пријават, не правиме ништо, бидејќи кога ќе пријават, тие наидуваат на празен шалтер, на бавен шалтер и на службеник кој ќе ја стави нивната пријава во фиока. И тие ќе одат повторно во својот дом, каде што ќе бидат малтретирани, тепани и убиени“, порачаа на настанот.
Активистите се осврнаа и на убиството на 17-годишната девојка од Богданци, нагласувајќи дека случајот мора да поттикне испитување на институционалното постапување и на евентуалните пропусти во заштитата.
„Овој случај не смее да заврши како уште една вест на црна позадина со црвени букви и меланхолична музика“, рече една од говорничките.
Од ХЕРА млади побараа поголемо вложување во превенцијата, како и обезбедување психолошка помош и поддршка за жртвите. Порачаа дека нивните барања се однесуваат на основното право на безбеден живот.
„Ние не бараме привилегии, односно ние бараме едноставно да живееме без страв“, истакнаа активистите.
Акцијата е дел од глобалната кампања „Шеснаесет дена активизам против родово базирано насилство“. За попладнево е најавен и протест против насилството врз жените и фемицидите.