Македонија

Силјановска-Давкова: Моето право да предложам гувернер не значи дека треба да ја контролирам неговата работа

Силјановска-Давкова: Моето право да предложам гувернер не значи дека треба да ја контролирам неговата работа

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова не прифаќа одговорност за работата на Народната банка и гувернерот Трајко Славески, нагласувајќи дека нејзиното уставно право да предлага кандидат за оваа функција не подразбира и обврска да го контролира неговото работење. Ова го истакна на денешната надзорна расправа за случајот со „АЛТА банка“ Битола, пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Сведочењето на претседателката беше проследено со повеќе полемики меѓу пратениците од власта и опозицијата, при што дел од расправата се насочи кон уставните надлежности на претседателот и Собранието, наместо кон конкретните околности околу влезот на „АЛТА банка“ Белград на македонскиот пазар.

Во воведното обраќање, Силјановска-Давкова изрази сомнеж дали во оваа фаза е надлежна да сведочи за прашањето, посочувајќи дека сигурно би учествувала доколку станувало збор за избор на гувернер по нејзин предлог или за постапка за негово разрешување.

Таа ја нагласи важноста на Народната банка како институција и порача дека финансиската сигурност е од особено значење, додавајќи дека најголема грижа ѝ се граѓаните кои се засегнати од случајот.

Претседателката оцени и дека е невообичаено во рамки на надзорна расправа да се отвора прашањето за интерпелација на гувернерот, откако СДСМ претходниот ден поднесе барање за негово отповикување.

„Една од грешките во Уставот е кога е предвидена интерпелација за носители на јавни функции. Интерпелацијата е инструмент за контрола на министрите“, рече Силјановска-Давкова.

Пратеничката на НСДП, Соња Мираковска, побара од претседателката да објасни врз основа на кои критериуми го предложила Трајко Славески за гувернер, како и дали врз нејзината одлука имало политичко влијание.

Мираковска потсети дека Силјановска-Давкова претходно ги посочила стручноста, компетентноста, достоинството, интегритетот и реалната можност за именување како критериуми при изборот на кандидатот.

Таа отвори и прашање за можните консултации со владејачкото мнозинство, посочувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски јавно најавил дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот за Славески.

Мираковска праша дали претседателката била под притисок да го предложи Славески и дали станува збор за независен кандидат, особено по изјавите на гувернерот дека за влезот на „АЛТА банка“ се консултирал со премиерот.

Одговарајќи на овие забелешки, Силјановска-Давкова категорично ги отфрли сомнежите за политички притисок. Таа рече дека изборот го направила самостојно, по консултации со академската заедница, поранешни гувернери и пошироката стручна јавност.

„Го избрав врз основа на законски утврдени критериуми, без никаков притисок. Одамна сум докажала дека сум имуна на притисоци“, изјави претседателката.

Таа воедно реагираше на довикувањата од дел од пратениците, посочувајќи дека легитимитетот го добила директно од граѓаните, од кои, како што рече, добила околу 500 илјади гласови.

Во расправата се отвори и прашањето дали Агенцијата за разузнавање, која е во надлежност на претседателката, требало да достави информации за капиталот на „АЛТА банка“.

Силјановска-Давкова одговори дека станува збор за погрешно толкување на надлежностите, бидејќи Агенцијата е самостојна во извршувањето на своите задачи и нејзината работа е насочена кон надворешното разузнавање.

На случувањата реагираше и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој порача дека претседателката треба да покаже почит кон Собранието и да не се поставува како надредена институција.

„Никој, па ни претседателот на државата, не може да се однесува како да е тутор над Собранието. Денес сте тука во улога на сведок, а не како некој што ќе држи лекции“, рече Спасовски.

Од друга страна, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се извини за, како што го оцени, односот на опозицијата. Тој посочи дека суштинското прашање е каде завршува политичкото влијание, а каде започнува независното работење на институциите.

Силјановска-Давкова на крајот истакна дека парламентарниот надзор е еден од најважните механизми за контрола и дека треба да овозможи вклучување на експерти и лица со соодветно професионално искуство.

Таа порача дека целта на ваквите расправи треба да биде враќање или зачувување на довербата на граѓаните во институциите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни