Истрагата за финансискиот скандал во српската „Алта банка“ добива нов развој. Утринава се уапсени Дубравко Мацура, брат на сопственикот на банката Давор Мацура, и Тања Бундало, директорка на компанијата „Алта Пеј Груп“, дознава порталот КРИК.
На двајцата им е одредено полициско задржување во траење од 48 часа, а се сомничат дека биле вмешани во незаконското извлекување пари од трезорот на банката. Апсењата се дел од истрагата што се води против Давор Мацура, осомничен дека од трезорот на „Алта банка“ незаконски изнел околу 390 милиони евра.
Според информациите на КРИК, Дубравко Мацура денеска попладне треба да биде сослушан во Јавното обвинителство за организиран криминал, по што обвинителството ќе одлучи дали ќе побара да му биде одреден притвор. Сослушувањето на Тања Бундало сè уште не е закажано, бидејќи обвинителството ја собира документацијата поврзана со нејзината можна вмешаност во случајот.
Претходно, во рамки на истата истрага, беа уапсени сопственикот на банката Давор Мацура и уште двајца негови соработници. Сите тројца и натаму се во притвор. Апсењето следуваше кратко по изборите, а три дена откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“.
Мацура е осомничен дека од трезорот на банката изнел повеќе од 45 милијарди динари, односно околу 390 милиони евра. Неговите соработници, директорот на секторот за трезор и управување со готовина и вработен задолжен за трезорско работење, се сомничат дека му помагале во тоа.
Според документ од обвинителството до кој дошол КРИК, само помал дел од парите физички биле изнесени од трезорот, додека поголемиот дел воопшто не бил внесен во него.
Во документот се наведува дека од трезорот физички биле изнесени околу 17 милиони евра. Според сомневањата на обвинителството, тоа го правеле уапсените соработници на Мацура, без да остават писмена трага во банкарската документација.
Останатите околу 370 милиони евра, според истиот документ, никогаш не стигнале до трезорот. Станува збор за дневниот промет на менувачницата „Алта Пеј“ на Мацура, кој бил евидентиран како примен во трезорот, но тој наводно ги задржувал парите за себе.
Во документот на обвинителството се наведува и дека гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, треба да биде испитана како сведок. Мацура на претходното сослушување ја негирал вината.
Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“ поради влошената финансиска состојба и загрозените интереси на штедачите. Со банката сега управува Агенцијата за осигурување на депозити, а штедачите можат да подигнат до 50.000 евра.
Два дена подоцна, дозволата за работа ѝ била одземена и на „Алта груп“, компанијата на Мацура за електронски пари.
Според пишувањата на КРИК, Мацура ја изградил својата деловна империја во последните десет години, во периодот кога на власт била Српската напредна партија. Бизнисот го започнал во 2008 година со менувачница „Алта“ во Земун, а од 2016 година почнал брзо да се проширува, откако добил дозвола од Народната банка на Србија за наплата на сметки.
Подоцна, со согласност на централната банка, ја купил „Јубмес банка“, која ја преименувал во „Алта банка“. Во меѓувреме го купил и синџирот маркети „Идеа“, а добивал и големи државни договори, често без распишување тендери.