Татко и неговите две ќерки се соочуваат со кривична пријава за тешка телесна повреда, откако, според сомневањата на обвинителството, физички нападнале жена од селото Дрење по расправија околу добитокот. Жената при падот се здобила со скршеница на левиот скочен зглоб, информираат од Основното јавно обвинителство Крива Паланка.
Против трите лица денеска до обвинителството била доставена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „Тешка телесна повреда“ од член 131 став 1 од Кривичниот законик.
Според пријавата, недоразбирањето околу добитокот прераснало во расправија, по што пријавените физички ја нападнале жената. Тие ја влечеле, туркале и ѝ се заканувале, а откако ја турнале на земја, таа се здобила со тешка телесна повреда – скршеница на левиот скочен зглоб.
Од Обвинителството велат дека предметот се води во редовна постапка, но сите дејствија се преземаат итно, со цел што побрзо донесување јавнообвинителска одлука.
Наредено е вештачење за видот и карактерот на повредите на жената, а во тек е и обезбедување на други докази. Имајќи го предвид и претходното однесување на пријавените, како и другите постапки што биле и сè уште се водат против нив, надлежниот јавен обвинител ја проценува потребата од предлагање мерки за претпазливост во текот на постапката.