Во живо Ноќно студио во живо Венко Филипче Гледај
Македонија

Филипче: Не сум пион на Заев, никој не ме контролира – нема да дозволам дополнително делење на СДСМ

Филипче: Не сум пион на Заев, никој не ме контролира – нема да дозволам дополнително делење на СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Ноќно студио“ на 4ТВ ги отфрли обвинувањата дека партијата ја води под влијание на Зоран Заев. Тој порача дека има легитимитет од членството и дека нема да дозволи дополнително делење на СДСМ.

„Јас сум професор по неврохирургија, никој не може да ме контролира. Ја водам партијата автентично, легитимно, без некој да ми влијае“, изјави Филипче.

Тој рече дека Заев веќе не се занимава со политика и го оспори тврдењето дека поранешниот премиер преку него влијае врз одлуките во СДСМ.

Филипче се повика на поддршката што ја добил на внатрепартиските избори, посочувајќи дека за него гласале 20.000 членови. Потсети дека бил избран за претседател во 2024 година, а во 2025 година добил нов четиригодишен мандат.

Зборувајќи за критичарите и поранешните сопартијци, тој тврдеше дека разговарал со нив и им понудил да учествуваат во креирањето на политиките и во партиските органи, но дека понудите биле одбиени.

„На сите им е отворена вратата, ама нема да поминат подмолни обиди дополнително да се дели партијата“, порача Филипче.

Тој изнесе обвинување дека обидите за поделба се поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека на власта ѝ одговара ослабена опозиција. Според него, дел од критичарите се насочени кон неговото лидерство, а не кон политиките на актуелната власт.

„Не слушнав дека ја критикуваат власта“, рече Филипче, додавајќи дека од нив не слушнал јасни критики за, како што оцени, изолацијата на земјата од Европа и сомнежите за корупција што ги изнесува СДСМ.

Во однос на одлучувањето во партијата, Филипче нагласи дека ги прифаќа сугестиите од раководството и Извршниот одбор и дека не смета оти секогаш е во право.

„Многу пати ги прифаќам сугестиите, затоа што сфаќам дека не секогаш сум во право. Тоа е убавината на демократијата, од тоа да излезат добри предлози и политики“, изјави тој.

Филипче порача дека ќе ја води партијата кон изборна победа и формирање проевропска влада, оставајќи отворена можност за приклучување на сите што сакаат искрено да придонесат.

„Ако сакаат да се приклучат на тимот, чесно, искрено, без задни намери – секој ден“, рече лидерот на СДСМ во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со претседателот на СДСМ Венко Филипче

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни