Во живо Ноќно студио во живо Венко Филипче Гледај
Македонија

Филипче: Се сомневаме дека Славески е избран за гувернер за да го дозволи влезот на „АЛТА банка“

Филипче: Се сомневаме дека Славески е избран за гувернер за да го дозволи влезот на „АЛТА банка“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Ноќно студио“ на 4ТВ изнесе сомнеж дека една од причините за изборот на Трајко Славески за гувернер била да го овозможи влезот на „АЛТА банка“ во Македонија.

Според Филипче, постои сомнеж дека други кандидати не се согласиле со таквиот потег и затоа не биле предложени пред Собранието.

„Ние имаме сомнеж дека една од причините зошто е гувернер е дека требало да дозволи влез на ‘АЛТА банка’ во Македонија, дека другите кандидати не се согласиле на тоа и затоа не биле номинирани, предложени до Собранието“, изјави Филипче.

Тој ја оцени реакцијата на Славески на прашањата за банката како панична и како обид за пренасочување на вниманието. Во тој контекст се осврна на изјавата дека гувернерот го консултирал и премиерот Христијан Мицкоски.

Филипче рече дека смета оти тврдењето за консултација со премиерот е точно, поврзувајќи го со својата оценка дека Мицкоски се меша во работата на повеќе институции.

„Христијан Мицкоски е човек што се меша во сè, тој се меша во правосудството“, рече лидерот на СДСМ.

Филипче го обвини премиерот и за јавно дискредитирање обвинители и за влијание врз медиумите. Повикувајќи се на негово интервју на Телма, тој тврдеше дека Мицкоски зборувал за можноста да се нарачуваат текстови во медиуми.

Според Филипче, ваквото однесување покажува „автократски манир“ на владеење, кој, како што оцени, ја држи државата во сиромаштија и изолација.

На прашањето за обвинувањата дека претходната влада предводена од СДСМ ја отворила вратата за „АЛТА банка“, Филипче одговори: „Тоа е само уште една лага“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со претседателот на СДСМ Венко Филипче

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни