Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ ги отфрли тврдењата дека ја води партијата под влијание на поранешниот премиер Зоран Заев, нагласувајќи дека одлуките ги носи самостојно и со легитимитет добиен од партиското членство.
„Јас сум професор по неврохирургија, никој не може да ме контролира. Ја водам партијата автентично, легитимно, без некој да ми влијае“, изјави Филипче.
Тој посочи дека Заев повеќе не се занимава со политика, потсетувајќи дека на внатрепартиските избори ја добил поддршката од 20.000 членови на СДСМ.
Осврнувајќи се на превирањата во партијата, Филипче рече дека на критичарите и поранешните сопартијци им понудил можност да учествуваат во креирањето на партиските политики, но дека тие ги одбиле понудите.
„На сите им е отворена вратата, ама нема да поминат подмолни обиди дополнително да се дели партијата“, порача лидерот на СДСМ.
Филипче ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад обидите за внатрепартиски поделби, оценувајќи дека на актуелната власт ѝ одговара ослабена опозиција. Според него, дел од критичарите се повеќе насочени кон неговото лидерство отколку кон политиките на Владата.
Тој нагласи дека е отворен за различни мислења и дека редовно ги прифаќа сугестиите од партиското раководство, посочувајќи дека демократското одлучување е основа за создавање квалитетни политики.
Филипче порача дека неговата цел е да го предводи СДСМ до изборна победа и формирање проевропска влада, оставајќи ја отворена вратата за сите што сакаат искрено да придонесат во партијата.