Околу 4.800 денари месечно или 57.600 денари годишно троши просечниот пушач во Македонија за цигари. Пари со кои може да се плати семеен одмор, да се наполни фрижидерот или да се покријат бројни други трошоци, секојдневно завршуваат во чад.
Најновото истражување на тинк-тенкот „Аналитика“, презентирано на национална конференција во соработка со Светската здравствена организација, покажува дека секој втор возрасен граѓанин во земјава пуши.
Процентот на секојдневни пушачи пораснал од 43 на 48,1 отсто, а со вклучување на новите тутунски и никотински производи, нивната употреба достигнува 54 проценти.
Речиси секој четврти пушач консумира повеќе од една кутија цигари дневно. Особено загрижува податокот дека 17 отсто од малолетниците користат класични цигари или производи со загреан тутун.
Повеќе пари за цигари отколку за здравствено осигурување
Министерот за здравство Сашо Клековски предупреди дека просечниот пушач годишно издвојува повеќе пари за цигари отколку за здравствено осигурување.
„Половина нација издвојува повеќе за да си наштети на здравјето отколку што издвојува за да го заштити здравјето“, рече Клековски.
Дополнително загрижува фактот што повеќе од две третини од малолетниците не биле одбиени при обидот да купат цигари.
СЗО бара поскапи цигари и построги контроли
Претставникот на Светската здравствена организација, д-р Аким Али, порача дека тутунските производи треба да поскапат за да станат помалку достапни, особено за младите.
„Пушењето не е избор на животен стил. Пушењето е зависност“, нагласи Али.
Истражувањето покажува дека кај 47,3 проценти од пушачите кои се обиделе да се откажат, цената била главниот мотив. Сепак, цигарите станале за 17,3 проценти подостапни во однос на просечната плата.
Што може да се купи со парите што годишно се трошат за цигари?
Со 57.600 денари, според наведените цени, може да се купат:
- 142 килограми пилешко филе;
- повеќе од 1.380 векни леб;
- околу 830 литри млеко;
- до 240 билети за кино;
- повеќедневен одмор во хотел.
Но финансиската цена е само еден дел од проблемот. На Клиниката за торакална хирургија годишно се дијагностицираат од 600 до 700 пациенти со рак на белите дробови, од кои најголемиот дел се пушачи.
Во меѓувреме, новиот закон за заштита од пушење, кој предвидува построги ограничувања за употребата и рекламирањето на тутунските производи, сè уште е во собраниска процедура.
Прашањето е колку навистина ги чинат цигарите граѓаните – не само во денари, туку и во години здрав живот.