Студентите најавуваат протест доколку надлежните институции во рок од две недели не го исполнат нивното барање за зголемување на субвенционираниот студентски оброк на 180 денари дневно, односно 4.500 денари месечно.
Од Националното студентско тело информираат дека иницијативата добила поддршка од над 7.000 студенти, а барањето денеска го доставуваат до надлежните институции.
„Нашето барање денес ќе го испратиме до соодветните институции и очекуваме во рок од седум дена да биде разгледано барањето и во рок од четиринаесет календарски денови да биде истото реализирано и обработено со дело. Студентите чекаат три години, работеа месеци на оваа иницијатива за конечно да бидат слушнати и испочитувани“, наведуваат од Националното студентско тело.
Студентите реагираат дека износот на субвенционираниот оброк три години не е усогласен со растот на животните трошоци, иако, како што посочуваат, таквото усогласување законски им следува.
Тие се противат и на промената на постојниот модел на исплата на студентскиот оброк, нагласувајќи дека приоритет е зголемувањето на износот, а не воведувањето нов систем.
Според анализата на Националното студентско тело, 90 проценти од студентите го поддржуваат зголемувањето на месечниот износ на 4.500 денари, додека 78 проценти се против воведувањето нов модел, односно студентска М-картичка.
Доколку институциите не одговорат позитивно во предвидениот рок, студентите најавуваат дека своите права ќе ги бараат преку протест.