Во пресрет на „црн петок“, од Организацијата на потрошувачи апелираат граѓаните внимателно да ги проверуваат цените и условите за купување, бидејќи атрактивните попусти не секогаш значат и реална заштеда.
Маријана Лончар од Организацијата на потрошувачи посочува дека трговците треба јасно да ги истакнат старата и новата цена на производите, со цел потрошувачите да имаат реален увид во намалувањето.
„Она што е важно за истакнувањето на цената, треба да стои стара цена, нова цена, а старата цена при овие акции треба да биде онаа која била пред триесет дена“, рече Лончар.
Таа објасни дека акциската продажба може да трае најмногу 30 дена, додека промотивната продажба до осум дена. Дополнителните трошоци за транспорт, монтажа или други услуги не смеат да бидат прикриени со ситни букви.
Особено внимание се препорачува при купувањето преку интернет, каде што понудите и цените брзо се менуваат. Потрошувачите треба да зачуваат фотографии од понудите и податоци за нарачките, кои подоцна би можеле да послужат како доказ при поднесување поплака.
Кај електронските уреди, големите намалувања неретко се однесуваат на постари модели или производи што подолго време стоеле во магацин, додека кај облеката и обувките попустите често важат само за одредени броеви и ограничен асортиман.
Лончар апелира граѓаните да не подлегнуваат на атрактивните реклами за намалувања до 70 проценти, туку да купуваат рационално.
„Ако купите нешто што навистина не ви е потребно, сте потрошиле пари непотребно“, порача таа.
Од Организацијата на потрошувачи бележат годишен раст на поплаките од 15 до 20 проценти. Најчестите проблеми се поврзани со неиспорачани производи, сервисирање, рекламации, враќање на парите и производи што не одговараат на рекламираните карактеристики.
Кога спорот не може да се реши преку директна комуникација или посредување со трговецот, случаите се упатуваат до Државниот пазарен инспекторат.
Дополнителна загриженост предизвикува и растот на цените на основните прехранбени производи. Според сознанијата на Организацијата на потрошувачи, дел од производите во основната потрошувачка кошничка веќе бележат поскапувања од пет до 10 проценти.
Оттаму апелираат на внимателно следење на цените во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со цел да се заштити и онака оптоварениот буџет на граѓаните.