Breaking Процес Брдо-Бриони во Охрид
Македонија

Зголемен бројот на заболени од грип во Македонија, за една недела регистрирани 188 нови случаи

Зголемен бројот на заболени од грип во Македонија, за една недела регистрирани 188 нови случаи

Бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип во Македонија бележи нов пораст. Во периодот од 16 до 22 ноември се пријавени 188 случаи, што е за 22,1 отсто повеќе во споредба со претходната недела, кога биле евидентирани 154 заболени, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Најголем број новозаболени се регистрирани во Скопје – 40 лица, а веднаш зад него е Куманово со 32 случаи. Во Дебар и Радовиш се евидентирани по 17 заболени, во Тетово 13, во Охрид и Прилеп по 11, а во Струга 10 случаи.

Помал број заболени се пријавени во Струмица (8), Битола (6), Свети Николе (5), Ресен и Штип (по 4), додека во Велес, Кавадарци, Неготино и Македонски Брод има по два случаи. По еден заболен е регистриран во Крива Паланка и Гостивар.

Според возрасната структура, најпогодена е групата од 15 до 64 години, во која се регистрирани 113 заболени. Кај лицата над 65 години има 29 случаи, кај децата од пет до 14 години се евидентирани 28, додека кај најмалите, на возраст до четири години, има 18 заболени.

И покрај зголемувањето на бројот на пријавени случаи, ИЈЗ оценува дека активноста на грипот на национално ниво и натаму е ниска, односно на сезонско ниво.

Лабораториските анализи покажуваат дека од 71 испитан примерок во текот на извештајната недела, кај 17 бил потврден вирусот на грип. Од нив, 13 се Influenza A – несубтипизирани, а четири се Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистрирани се и шест позитивни резултати на коронавирус, додека нема потврдени случаи на респираторниот синцицијален вирус (RSV).

Од почетокот на сезоната 2026/2027, вкупниот број на заболени од грип и заболувања слични на грип достигна 797 лица. Тоа претставува зголемување од 20,4 отсто во споредба со истиот период минатата сезона, кога биле регистрирани 662 случаи.

Најголем кумулативен број заболени досега има во Тетово – 211 лица, додека највисока стапка на заболување е забележана во Радовиш, со 163,9 заболени на 100.000 жители. Најголем дел од случаите, односно 69,1 отсто, се однесуваат на возрасната група од 15 до 64 години.

Од ИЈЗ посочуваат дека вирусот на грип има регионална распространетост, а бројот на заболени е зголемен и во однос на очекуваната епидемиска крива.

Во меѓувреме, продолжува вакцинацијата против сезонски грип, која започна на 21 октомври. Досега се вакцинирани вкупно 33.594 лица од ризичните категории на населението со бесплатни вакцини. Заинтересираните граѓани можат да закажат термин преку веб-страницата www.vakcinacija.mk.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни