Постапувањето на полициските службеници при службени интервенции во иднина ќе биде документирано со боди камери, кои ќе станат задолжителен дел од нивната опрема. Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека целта е поголема професионалност, одговорност и транспарентност во работата на полицијата.
Според најавата, полициските службеници ќе мора да ги носат камерите при секое службено дејствување и преземање оперативни активности.
„Полициските службеници при секое едно нивно дејствување, при секое едно нивно оперативно преземање на активности ќе бидат задолжени да носат боди камери“, изјави Тошковски.
Министерот очекува оваа мерка да придонесе за подобрување на професионалното постапување на полицајците, но и да обезбеди поквалитетен доказен материјал за потребите на обвинителството и судовите.
Тој нагласи дека снимките ќе овозможат побрзо собирање и доставување докази до надлежните институции, што би можело да ја олесни работата во рамки на судските постапки.
„Со тоа, од една страна цениме дека ќе се поткрене професионалниот одговор од страна на полициските службеници, но од друга страна цениме дека и те како ќе биде корисно во рамки на доказните постапки“, рече министерот.
Со задолжителното користење на боди камерите, МВР очекува поголема контрола врз полициското постапување и подобрување на квалитетот на доказите врз основа на кои обвинителството води постапки, а судовите носат одлуки.