Навредите и говорот на омраза на социјалните мрежи нема да го спречат Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени да продолжи со својот општествен активизам. Тој во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ порача дека неговата цел е функционална држава во која законите ќе важат подеднакво за сите граѓани, без двојни стандарди и селективна правда.
Осврнувајќи се на навредливите коментари упатени кон него на социјалните мрежи, Ходаи рече дека по речиси десет години активизам за првпат решил јавно да одговори на таквите напади, користејќи хумор како начин за справување со говорот на омраза.
Според него, дел од коментарите произлегуваат од предрасуди и од неспособноста на одредени луѓе да прифатат дека Албанец може да критикува, да учествува во политичкиот живот или да извршува висока државна функција.
„Не можат да разберат дека еден Албанец може да критикува или да биде премиер или на некоја друга функција, за жал“, изјави Ходаи.
Тој нагласи дека никогаш не ја сметал својата етничка припадност за пречка во јавните дебати, ниту во критиките кон институциите и носителите на функции.
„Јас се гордеам што сум Албанец, се гордеам што албанскиот јазик ми е мајчин јазик, но исто така се гордеам и што знам македонски јазик и многу лесно можам да дебатирам и со премиерот и со министерката на македонски јазик“, рече Ходаи.
Тој порача дека нема да дозволи омразата да влијае врз неговиот активизам и дека ќе продолжи да се залага за правата и интересите на сите граѓани, вклучително и на оние кои упатуваат навреди кон него.
„Не ми влијае воопшто ако некој ме мрази за тоа. Јас ќе продолжам да се борам и за нив што ме мразат, затоа што знам дека целта ми е многу јасна – функционална држава. Држава каде што законите важат за сите, каде што нема двојни стандарди, нема селективна правда и нема селективно спроведување на законите“, нагласи Ходаи.