Македонија

Филипче: Не сум пион на Заев, никој не ме контролира

Филипче: Не сум пион на Заев, никој не ме контролира

Лидерството во СДСМ не е под ничие влијание, а одлуките во партијата ги носи самостојно и со поддршка од членството, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ. Тој ги отфрли обвинувањата дека поранешниот премиер Зоран Заев управува со партијата преку него и најави дека нема да дозволи обиди за нејзино дополнително разединување.

„Јас сум професор по неврохирургија, никој не може да ме контролира. Ја водам партијата автентично, легитимно, без некој да ми влијае“, изјави Филипче.

Тој тврди дека Заев веќе не е политички активен и дека нема влијание врз одлуките и функционирањето на СДСМ.

Како аргумент за легитимитетот на своето лидерство, Филипче ја посочи поддршката што ја добил од партиското членство. Според него, за него гласале 20.000 членови, а на претседателската функција бил избран во 2024 година, по што во 2025 година добил нов четиригодишен мандат.

Осврнувајќи се на критиките од поранешни сопартијци, Филипче рече дека разговарал со нив и им понудил да се вклучат во креирањето на партиските политики и да учествуваат во партиските органи. Сепак, како што тврди, тие ги одбиле понудите.

„На сите им е отворена вратата, ама нема да поминат подмолни обиди дополнително да се дели партијата“, порача лидерот на СДСМ.

Филипче обвини дека зад обидите за внатрепартиски поделби стои ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека на актуелната власт ѝ одговара ослабена опозиција. Според него, критичарите повеќе се занимаваат со неговото лидерство отколку со политиките и потезите на Владата.

„Не слушнав дека ја критикуваат власта“, рече Филипче, посочувајќи дека од нив не слушнал јасни реакции за, како што оцени, изолацијата на земјата од Европа и сомнежите за корупција на кои укажува СДСМ.

Тој нагласи дека одлуките во партијата не ги носи самостојно, туку ги зема предвид ставовите и предлозите на раководството и Извршниот одбор.

„Многу пати ги прифаќам сугестиите, затоа што сфаќам дека не секогаш сум во право. Тоа е убавината на демократијата, од тоа да излезат добри предлози и политики“, изјави Филипче.

Во однос на политичките планови, тој порача дека целта му е СДСМ да победи на следните избори и да формира проевропска влада. Додаде дека вратите на партијата остануваат отворени за сите кои сакаат искрено да придонесат, без задни намери.

„Ако сакаат да се приклучат на тимот, чесно, искрено, без задни намери – секој ден“, порача Филипче во гостувањето на 4ТВ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни