Албанија би можела да го заврши пристапниот процес и да стане членка на Европската Унија до 2030 година, доколку продолжи со реформите и ги обезбеди потребните согласности од земјите-членки. Оваа оптимистичка прогноза денеска ја изнесе европската комесарка за проширување, Марта Кос, за време на инвестицискиот состанок во Тирана.
Според најавите на Кос, доколку процесот се одвива според предвиденото, договорот за пристапување на Албанија во ЕУ би можел да биде потпишан во 2028 година, а полноправното членство да се реализира до 2030 година.
Кос оцени дека Албанија е една од земјите кои придонеле за позитивните придвижувања во процесот на проширување, додавајќи дека оваа година би можела да биде најуспешна во последните 25 години.
„Последното проширување беше со Хрватска, сега го завршуваме процесот со Црна Гора, а една од земјите што придонесе за овој успех е Албанија“, изјави Кос.
Таа посочи дека Тирана би можела да ги затвори преговарачките поглавја доколку продолжи да ги спроведува потребните реформи и добие зелено светло од земјите-членки.
„Ако се исполнат овие услови, следната година, во овој период, ќе бидеме многу блиску до крајот на преговорите“, порача европската комесарка.
Според неа, откако ќе бидат затворени половина од преговарачките поглавја, земјите-членки ќе формираат работна група која ќе работи на подготовката на договорот за пристапување.
На заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Кос нагласи дека членството во ЕУ нема однапред утврден датум, бидејќи зависи од спроведувањето на реформите, но и од едногласната согласност на сите 27 земји-членки.
Рама потсети дека Албанија во изминатите години се соочувала со политички пречки во пристапниот процес, кога одделни земји-членки го блокирале напредокот и покрај позитивните оценки од Европската комисија.
Албанскиот премиер порача дека Тирана ќе продолжи да ги исполнува обврските од пристапните преговори, иако конечната одлука за членството не зависи само од Албанија.