Проширувањето на Европската Унија е „безбедносен императив“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата по денешниот самит Брдо-Бриони во Охрид. Според неа, ако Унијата сака да има влијание на светската политичка сцена, мора да ја согледа и безбедносната цена од оставањето на Западниот Балкан надвор од нејзините граници.
Сиљановска-Давкова оцени дека во односот на Брисел кон регионот има промена. По самитот во Солун во 2003 година, рече таа, долго време не гледала јасна стратегија за напредување на земјите од Западниот Балкан. Во последната комуникација на Европската комисија за проширувањето гледа исчекор, а како охрабрување ги издвои Црна Гора и Албанија.
„Нивното напредување е и наше напредување“, рече претседателката.
За македонскиот пат кон ЕУ, таа повтори дека пречка се билатералните прашања кои, според неа, не се поврзани со Копенхашките критериуми за членство. Македонија е подготвена за разговор со аргументи, рече Сиљановска-Давкова, но оцени дека условувањата што ги посочи се во спротивност со принципите врз кои е основана самата Унија.
На самитот предложила младите да се вклучат во решавањето на проблемите за кои разговараат лидерите. Според претседателката, тие можат да внесат нови идеи во Процесот Брдо-Бриони уште денес. Рече дека предлогот наишол на разбирање кај нејзините колеги. Како приоритет за регионот ги издвои и транспортните, енергетските и дигиталните врски меѓу соседите.
За атмосферата на состанокот, Сиљановска-Давкова ја употреби сликата на „Артурова маса“, околу која во Охрид седеле пет жени и пет мажи. Рече дека учесниците се сослушувале и кога имале различни ставови.
Гостите од Охрид добија традиционална македонска резба со ликот на фениксот и садница од автохтоната винова сорта станушина. Со фениксот, објасни претседателката, домаќините сакале да ја изразат вербата во иднината на регионот, а со лозата да потсетат што може Македонија да ѝ подари на Европа.