Помалку од две недели ја делат Северна Македонија од големата одлука на Европскиот совет за отворање на преговорите. Но, дипломатски извори на Агенцијата Европа не носат добри сигнали. Од оваа Агенција, повикувајќи се на извори од Европскиот совет, велат дека ставот на Франција не е променет и дека „не покажала голем оптимизам“ за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Според Агенцијата „неколку земји“ се уште имаат резерви за почеток на преговорите со двете земји од Западен Балкан, а меѓу нив е и Данска.
Но, информациите на премиерот, Зоран Заев, не се толку песимистички. Тој очекува позитивна одлука.
Каква и да е одлуката на Европскиот совет, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара веднаш по одлуката да се формира техничка влада, и во март да има предвремени избори.
Што се однесува на ставот на Холандија, Агенцијата Европа пренесува дека оваа држава на синоќешниот состанок меѓу амбасадорите, била воздржана околу отворањето на преговорите со Албанија. Иако германскиот Бундестаг поддржува старт на преговори со Албанија, сепак Холанѓаните сметаат дека Тирана претходно треба да исполни неколку критериуми кои ќе и овозможат отворање на преговорите. Новата рунда разговори на оваа тема е закажана за 9 октомври на амбасадорско ниво во Брисел.