Македонија во моментов нема силна опозиција за водење суштинска политичка дебата со владата, оцени премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Македонската телевизија дадено за време на неговиот престој во Њујорк. Коментирајќи ги актуелните превирања на домашната политичка сцена и појавата на опозициската иницијатива „Разговори за иднината 125“, Мицкоски истакна дека нивната теза оти власта ужива висок рејтинг само поради недостиг на алтернатива претставува директно навредување на граѓаните.
„Јас жалам што дури и оваа алтернатива којашто се претставува дека е алтернатива на опозицијата повторно го потценува народот и го навредува со тоа што го прави кусоглед и вели: ‘од што немате избор, затоа сте за Мицкоски и за ВМРО’. Немате втора шанса за прв впечаток, а тие од првиот чекор го навредуваат народот“, порача премиерот, додавајќи дека нема намера да се меша во внатрешните работи на СДСМ.
Анализирајќи го целиот опозициски фронт во земјата, Мицкоски упати критики до сите политички чинители:
- За СДСМ: Наведе дека актуелното раководство на партијата на дневна основа смислува приказни и организира прес-конференции, брендирајќи наводни скандали кои никој друг не ги препознава.
- За коалицијата предводена од ДУИ: Посочи дека станува збор за стари и истрошени структури кои биле на власт повеќе од две децении и чии перформанси граѓаните добро ги знаат.
- За Левица: Оцени дека партијата оставила блед и катастрофален впечаток кога имала можност да раководи со институции во Градот Скопје, сведувајќи се на мала група луѓе без понуда за вистинска алтернатива.
Премиерот нагласи дека ваквата состојба во опозицискиот табор не смее да ја успие ниту да ја опушти власта.
„Имаме противник којшто е хаотичен и заглавен во своите теми. Дали треба да се опуштиме ние? Не, напротив, треба уште повеќе да дадеме, затоа што не смееме да ја изневериме довербата на граѓаните. Најголемиот дел од нив ни порачуваат: ‘Вие сте последната шанса’“, истакна Мицкоски, заклучувајќи дека слабата опозиција го мотивира да вложи уште повеќе енергија во испорачување резултати за граѓаните.