Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска во Гевгелија ја продолжи караваната средби со граѓаните под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“. На настанот беа презентирани постигнатите резултати од страна на именуваните и избраните функционери од редовите на партијата, при што беше отворена директна дискусија за сработеното во изминатиот двогодишен период.
Претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, пред присутните порача дека партијата не бега од одговорноста, туку застанува со јасна визија и отчет за сите реализирани проекти.
„Ние сме единствената политичка партија која на половина мандат излегува пред граѓаните и кажува што сме ветиле, што сме направиле и што останува да направиме. Затоа што знаеме кои сме, знаеме зошто сме влезени во политиката, знаеме што сме сработиле и каде одиме. Не бегаме од одговорноста и не се плашиме од отчетот пред граѓаните“, истакна Димитриевски.
Тој додаде дека политичката одговорност не завршува со изборите и дека довербата од гласачите се оправдува единствено со работа, резултати и јавна подготвеност да се застане зад сите донесени одлуки.
„Не бараме од граѓаните да ни веруваат само на збор. Сакаме да видат што е направено, да го почувствуваат резултатот и самите да оценат дали сме ја оправдале довербата. Пред нас има уште работа и предизвици, но имаме јасна цел“, потенцираше тој.
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија на која се обратија координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, проф. Бобан Карапејовски, државната секретарка во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Надица Џерковска, како и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски. Тие ги елаборираа конкретните резултати во Собранието и Владата, поддршката за земјоделците, како и законските решенија и мерки за унапредување на безбедноста.
Од ЗНАМ порачаа дека и во иднина ќе продолжат со директни средби на терен, со фокус врз испорачување резултати и одговорно работење.