Во новиот Генерален урбанистички план нема да постои траса за јужна обиколница, најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој вели дека Скопје треба да биде зелен град, а изградбата на оваа обиколница би уништила голем дел од Водно, што би значело повеќе штета отколку придобивка за градот.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, вели дека Министерството целосно ги поддржува замислите на градот, не само во делот на финансиска помош, туку и во делот на обезбедување стручност. Целта, според министерот, е да се обезбеди баланс меѓу развојот на стопанството и заштитата на животната средина.
Надлежните велат дека не можат да гарантираат дека нема да се гради во централното градско подрачје, но доколку се гради, тоа би било плански и согласно генералниот и деталните урбанистички планови.
Постоечкиот генерален урбанистички план важи до 2022 година, а новиот, според надлежните, ќе се донесе во комуникација со сите засегнати страни. Новиот ГУП, кој што е основа за носење подоцна и на деталните урбанистички планови, се однесува на периодот 2022-2032 година.
Мирјана Јовеска