Гладни, без облека и некои пез поктив над главата. За жал ваквите лица ги има се повеќе, но ги забележуваме се помалку. Секој петти граѓанин од Македонија едвај врзува крај со крај. Стапката на сиромаштија во последниве три години се зголемува. Според државниот завод за статистика во 2017-та 460 илјади луѓе или 22.2% од населението било сиромашно, што е за 0.3 проценти поени повеќе од 2016-та и за 0.7 повеќе од 2015-та година.
Во неделата во која се одбележува светскиот ден на храната, гладта и сиромаштијата, невладиниот сектор и хуманите граѓани организираат пунктови каде се донира храна и облека за загрозените семејства.
Невладината организација „Љубезност“ денес во Аеродром утре во Капиштец од 12 до 19 часот ќе собираат храна и облека за семејствата.
„Собираме донации директно од граѓаните. Донации од храна, хигиенски средства, постелнина и останато се со цел да ги покриеме потребите на бездомниците во зимскиот период. Така и овој месец почнавме со овие собирни пунктови.“, вели Тонис Танковски од НВО „Љубезност“
Од друга страна Црвен Крст во центар организира хуманитарни акции за обезбедување донации во парични средства и храна во соработка со стопанските комори но и со поддршка на компании, образовно – воспитните институции, но и граѓаните.
„Проблемот со гладта е сериозен проблем во глобално и локално ниво. Последните статистички податоци во Македонија зборуваат за поголема броја на граѓани кои што имаат потреба. Но од аспект на Црвениот Крст секојдневно се соочуваме со индивидуални и колективни центри и лица кои се бездомници кои се соочуват со ваков проблем. Односно кои не можат да обезбедат оброк.“, вели Александра Валкановска од „Црвен крст“
Околу 400 деца на возраст од 3 до 18 години згрижени од улица, а кои во изминативе 13 години престојувале во Центарот за дневен престој во Шуто Оризари, вчера добија топол оброк. Овие деца учат да читаат и пишуваат, се подотвуваат за тестови, пишуваат домашни, одржуваат лична хигиена, се хранат. Но, главната цел е да се тргнат од улицата и просењето. На почетокот на годината секојдневно Центарот го посетувале 104 деца , а од септември бројот се намалил на 62, бидејќи останатите се иселиле.