Македонија

Пендаровски: Ги исполнивме сите предуслови, нормално е кај многумина да постои чувство на разочараност

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати пред јавноста по повод одлуката на Советот на Европската унија да не даде датум за Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

„Ви се обраќам по повод последните одлуки на Советот на Европската унија во однос на определувањето на датум за почеток на преговори за членство на нашата држава во унијата.

За жал, заклучоците на Советот не се во согласност со нашите оправдани очекувања и сигурно не се во рамките на претходните најави на самата Унија.

Разбирливо е што во овие моменти кај многумина постои чувство на разочараност, меѓутоа, емоциите на страна, мораме трезвено да се соочиме со новата реалност.

Но, пред да донесеме одлука за тоа како понатаму, важно е да разбереме зошто некои одлуки се такви какви што се, а не такви како што со право очекувавме да бидат.

Имено, неспорно е дека ги исполнивме сите предуслови за почеток на преговорите и тоа беше констатирано на претходната средба на Советот во јуни, кога без други забелешки, беше заклучено дека од технички причини поврзани со временскиот лимит, по штотуку завршените евро-избори, одлуката ќе биде донесена на самитот во октомври.

Сите информации што ги имавме за разговорите, пред и за време на самитот, неспорно зборуваат за концепциски разлики меѓу носечките држави членки на ЕУ во однос на процесот на проширувањето.

Дел од тие забелешки се однесуваат на методологијата за водењето на претпристапните преговори.

Мојот став од почетокот беше и останува дека предлозите за надградување на методологијата се добредојдени, затоа што заедничка цел е да се осигураат позитивните промени што треба да се случат во текот на процесот.

Меѓутоа, во позадината на сите преговори можеа да се слушнат и размислувања за градење на некаков посебен однос на Европската унија со државите од нашиот регион, различен од патот низ кој што поминаа сите некогашни кандидати за членство.

Почитувани, тие дилеми допираат до самата суштина на европската идеја, а, таа е дека сите држави на континентот, со исполнување на критериумите имаат право на полноправно членство во унијата.

Идејата за обединета Европа е право на сите Европејци и тоа никој не може да им го одземе. Ние сме европска држава и имаме право да бидеме дел од заедничкиот европски дом. 

Нашата држава има многу искрени пријатели и сојузници во Европа. Во овие моменти кога некои од нас се преиспитуваат, сакам јавно да кажам дека ние во Европа немаме непријатели, постојат само држави кои имаат свои специфични национални интереси кои ги штитат и во тоа нема ништо спорно.

Сведоци сме дека огромното мнозинство држави се бореа и се борат за нашите интереси како што се борат за сопствените национални интереси.

Нивната поддршка е искрена и без заддршка, а во тоа се уверив и за време на моите посети во Брисел, Берлин, Виена и Љубљана. Убеден сум дека сите тие ќе продолжат да не поддржуваат независно од развојот на настаните во иднина.

Сега е најважно ние самите, уште еднаш, да ги потврдиме нашите позиции во однос на евроатлантските интеграции кои немаат одржлива алтернатива.

Членството во НАТО ќе се случи наскоро, а членството во ЕУ, знаеме одамна, нема да биде задача само на една влада, на еден парламент или на еден претседател“, вели Пендаровски. 

Целото обраќање низ следното видео:

 

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни