Претседателот на ДУИ, Али Ахмети пред една година се пожали, велејќи дека чувствува срам кога учествува на политички лидерски средби во Македонија.
Но, иако помина повеќе од една година, ништо не се смени!
Исто беше и синоќа на свиканата средба кај Пендаровски.
Од македонскиот блок имаше двајца лидери, на СДСМ – Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски. Двајцата во придружба на по еден функционер од партијата.
Тоа што падна во очи беа лидерите од албанските политички партии. Вкупно 5!
Али Ахмети, Зијадин Села, Биљал Касами, Мендух Тачи и Африм Гаши. Сите со по еден партиски функционер, вкупно 10-мина!
Во врска со ова не се чувствуваше пријатно ниту лидерот на АА, Зијадин Села кој причината за ваквата поделба ја гледа кај, како што вели, фактот што некои политички лидери ги имаат приватизирано партиите.
„Секако дека чувството не е пријатно, но бидете сигурни дека на изборите на 12 април од политичката сцена, ќе бидат отстранети многу политички актери кои можеби се уште се повикуваат на оваа проблематика која самите ја создадоа и во рацете на народот е да го реши ова прашање.“, вели Села.
Сите учесници на синоќешната средба беа парламентарни партии, затоа нивното присуство на носењето одлука е оправдано, вели аналитичарот Алберт Муслиу кој смета дека ова е минлива состојба која може да се смени по изборите на 12 април.
„Ние имавме промена во парламентарните субјекти во оваа фаза по изборите во 2016 и затоа се случува ова што се случува. Реално јас мислам дека на следните избори овие партии нема да настапат посебно, сигурно ќе има групирање, или коалицирање со цел да ја зајакнат позицијата, евентуално за резултатите од предвремените избори, така што сметам дека нема да има повеќе од две столчиња кои ќе им се придружат на другите две столчиња“, изјави Муслиу.
Политичките лидери во Претседателската палата се собраа на покана на претседателот Стево Пендаровски, на која беа донесени два заклучока, одење на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 и продолжување на патот кон ЕУ на земјава, по губењето на можноста за добивање датум за почеток на пристапните преговори.