Една недела по француското НЕ за датум за Северна Македонија за почеток на преговорите, францускиот амбасадор во Скопје Кристијан Тимоние излезе на прес конференција за да го објасни ветото на Франција, поточно, негативната одлукана Макрон која се смета за историска грешка. Амбасадорот вели дека одлуката од петокот не е Европска Хирошима. Станува збор за инцидент кој има последици, но тоа не подразбира крај на европскиот пат на Скопје, рече тој.
Тимоние рече дека не разбира како се создал впечатокот дека одлуката на Европскиот совет ќе биде позитивна само поради Преспанскиот договор, додавајќи дека всушност реформите се критериум.
„Ова не го кажувам за да ги обвинам властите овде. Јас како надгледувач често пати се прашував зошто од една објективна проценка на агендата со позитивните и со слабите точки, преминавме во “замена за постигнат договор“. Од основните технички аспекти кои беа услов за почеток на преговорите, се најдовме себеси во прашања кои се однесуваат на геополитиката и геостратегијата. Ова не беше француската перспектива.“, рече Тимоние.
Преспанскиот договор има своја вредност, но техничката агенда не е реализирана воопшто, тврди Тимоние.
„Има прашања што треба да се решат. Со или без новата методологија, секако треба да се усвојат неколку реформи преку преговорите власт – опозиција со 2/3 мнозинство. Ова се прецизни прашања кои се побарани од властите во Македонија вклучувајќи ја и опозицијата како предуслов за почеток на преговорите. Оваа техничка агенда која е само еден дел од работата, воопшто не е реализирана, никој не може да дојде до ваков заклучок.“, вели Тимоние.
На прашањето за опасноста доколку сегашната опозиција може да го врати името Република Македонија кога ќе дојде на власт, Тимоние рече дека ВМРО-ДПМНЕ гарантирала дека ќе го почитува Преспанскиот договор.
-Во однос на гаранциите што се дадени од опозицијата, но и од претходната грчка опозиција, е според латинскиот израз „Договорите треба да се почитуваат“, изјави францускиот амбасадор.
Во однос на ставот на Макрон и дали може да се предомисли, францускиот амбасадор вели дека ништо не е затворено и дека ни претстои Самитот во Загреб, но сепак не гарантира дека Франција ќе каже „да“.
-Ние говориме за разни модалитети за зголемување на нашата двострана помош. Се наоѓаме во динамика и не можам да дадам одредени гаранции околу тоа што може да се направи пред Самитот во Загреб, но бидете уверени дека позитивно размислуваме за ова, бидејќи нашата идеја е чекорот кој не беше преземан овојпат, треба да ни помогне и ние да се запрашаме себеси за нашите ограничувања и капацитети-дополнува Тимоние.
Францускиот амбасадор го повтори барањето на Претседателот Макрон за реформирање на преговарачкиот процес и истиот да стане повратен процес, во случај ако во некоја земја се забележи регрес. Пред Самитот во Загреб, Тимоние вели дека што поскоро треба да се напредува со реформите во правосудството и службите.