Македонија

Пописот се одложува за една година?! Идната недела ќе биде утврден новиот термин

Идната недела кога премиерот Зоран Заев и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски ќе имаат средба ќе се знае точно кој термин ќе биде одреден како нов датум за спроведување на пописот. Со порака за пролонгирање на пописот деновиве излезе и првиот човек на статистика Симовски, кој рече дека поради изборите во април не може да се одржи пописот и мора да се најде нов термин. Иако по лидерската средба Заев рече дека може да се направи напор да се постигне договор за законот и пописот да се одржи напролет, сега рече дека тоа треба да биде променето.

„Го кажав тоа заради тоа што идејата беше предвремени избори да има до крајот на октомври па можеме пролетта да одиме на попис, веќе се губи шансата за на пролет. Пред изборите е кампања, не можете во кампања, за време на изборите не можете, после изборите треба Влада да се составува, парламент да се конституира и тука се губи можноста. Јас понеделник или вторник ќе одржам состанок со директорот на Заводот за статистика да се усогласиме согласно Еуростат правилата и така ќе ја донесеме одлуката. Пописот треба да се спроведе јас верувам дека може да се спроведе 2020 или 2021 година најдоцна треба да го спроведеме“, изјави Зоран Заев – премиер на РСМ.

Илија Димовски кој е дел од работната група за усогласување на Законот за попис вели дека треба да биде спроведен во 2021 бидејќи според стандардите на Еуростат најголемата статистичка операција се спроведува на почеток на декада. Вели дека се уште немаат постигнато договор за Законот бидејќи како што истакна не наишле на подготвеност на власта да ги прифатат нивните забелешки од кои едната се однесува и за методологијата на спроведувањето на пописот.

„Нашите забелешки одат во повеќе линии. Прво бараме многу поголема транспарентност на дата базите кои што ги имаат институциите во Република Македонија, значи фондот за здравство фондот за пензиско министерството за образование Агенцијата за вработување Министерството за внатрешни работи и други такви гломазни системи имаат многу детални податоци за активното население кое што живее во РМ. Ние бараме тоа да биде транспарентно и да се искористи во процесот на пописот“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Последниот попис е спроведен во 2002 година, што значи дека претстојното пребројување ќе ни се случи после нецели 20 години, откако во 2011 беше прекинат и оттогаш па наваму политичките партии никако да се договорат да донесат закон и да организираат спроведување на најголемата статистичка операција.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни