Начинот на кој се убиени момчињата, во случајот „Монструм“, и напуштањето на автомобилот во близина на косовскиот граничен премин, покажува дека станува збор за дело на професионалци. Ова е дел од разговорот на тогашниот министер за внатрешни работи, Џелал Бајрами и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во текот на разговорот, Барјами му вели на Ахмети дека сцената на убиството му личи на воена сцена.
А.А: Каква е состојбата?
Џ.Б: Чекаме претседателе, се уште чекаме, нема силни докази. Јасно е дека станува збор за професионалци. Му кажав и на Премиерот. Не се случило да се егзекутираат деца од зад грб. Тоа не се случило ниту во војната во Косово, ниту во конфликтот од 2001 година. Доколку некој сакал дестабилизација, би нападнал лица со униформи или полициска станица. Мене повеќе ми личи на сцени како од војните во бивша Југославија. Биле професионалци, не оставиле ниту еден доказ, освен траги од гумите на автомобилот.
Меѓу другото, во разговорот се вели дека напуштањето на автомобилот во близина на косовската граница, е само обид за дефокусирање на истражните органи. Во една СМС порака, Али Ахмети прашува дали е пронајдена некоја биолошка трага.
А. А: Дали се пронајдени биолошки траги?
Џ. Б: Пронајдени се две траги но не одговараат на лицата кои се земени на распит.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири, Сами Љута и Алил Демири. На првото судење, тие беа осудени на доживотен затвор, а во 2017 година, Врховен ја поништи пресудата и предметот е вратен на повторно судење, а сега е во фаза на преслушување на прислушуваните материјали, пораки и транскрипти, каде се очекува да се прочитаат над 133 илјади СМС пораки и транскрипти предложени од СЈО.