По француското вето за старт на пристапните преговори со Северна Македонија, премиерот Зоран Заев свика предвремени парламентарни избори, што „би можело дополнително да го усложни прашањето“ околу Договорот за името меѓу Скопје и Атина и да се одрази врз неговата имплементација, оценува бриселскиот информативен портал „Еурактив“.
Порталот наведува дека по изјавата на Заев во интервју за „Еуроњуз“ на грчки јазик дека би можело делумно да биде замрзнато спроведувањето на некои одредби од Договорот од Преспа, се огласи лидерката на Пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент, Ираче Гарсија, која ги повика политичарите „да ја спасат“ спогодбата.
– Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија мора да биде зачуван, изјави Гарсија.
Таа оценува дека ветото на францускиот претседател Емануел Макрон за старт на преговорите со земјава и Албанија претставува „неприфатлива“ одлука и побара од лидерите на ЕУ да ја променат што побрзо.