Македонија

СДСМ: Платформата „ЗНАМ 2.0“ служи за дефокус и работи во корист на Мицкоски

СДСМ: Платформата „ЗНАМ 2.0“ служи за дефокус и работи во корист на Мицкоски

СДСМ ја обвини платформата која ја нарекува „ЗНАМ 2.0“ дека со нападите врз партијата и нејзиниот претседател Венко Филипче се обидува да го пренасочи вниманието на јавноста од темите што во изминатиот период ги отвора опозицијата.

Од СДСМ тврдат дека реакциите доаѓаат во момент кога партијата објавува обвинувања поврзани со премиерот Христијан Мицкоски, меѓу кои и наводи за отворање рудници и експлоатација на антимон, како и за лобирање во странство.

„Токму кога СДСМ го разоткри планот на Мицкоски за распродажба на Македонија, отворање рудници и експлоатација на антимон без согласност од граѓаните, и кога објавивме дека приватна компанија за оружје платила над 1,5 милиони долари за лобирање за Мицкоски, следува дефокус од платформата ЗНАМ 2.0“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Од партијата прашуваат кому му одговара, како што велат, пренасочувањето на вниманието на граѓаните од нивните обвинувања кон напади врз СДСМ и Филипче.

СДСМ во соопштението изнесува и тврдење дека лица поврзани со платформата добиле тендери во вредност од 1,6 милиони евра, без во соопштението да бидат наведени дополнителни детали за конкретните постапки.

Партијата наведува дека Филипче и нејзините претставници продолжуваат со теренски активности и средби со граѓаните.

Од СДСМ дополнително тврдат дека поддршката за ВМРО-ДПМНЕ опаѓа и дека нападите врз нивната партија се обид за нејзино политичко ослабување.

„ЗНАМ 2.0 нема да помине“, порачуваат од СДСМ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни