Македонија

Заев ги стави под знак прашалник изборите: „Ќе не примат во НАТО, а ние, оп, немаме парламент“

Премиерот Зоран Заев го става под знак прашалник 12 април како можен датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Тој зборуваше во врска со можните ризици доколку сега се распушти Собранието. Треба да се внимава државата да биде функционална со цел да се носат важни одлуки како што е членството во НАТО.

„Нема да дозволиме како држава да останеме без Парламент, сите 29 земји членки го ратификуваа и ќе дојде до Република Северна Македонија и оп ние немаме Парламент“, рече Заев.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека ова не е прв пат Заев да се повлече голтајќи си ги зборовите. Меѓутоа, според опозицијата нема никаква пречка за одложување на датумот за предвремени парламентарни избори.

„Ова не му е прв пат, но пречки за избори на 12-ти април нема, тоа го кажа и претседателот на лидерската средба на којашто сите учесници на таа средба, партии консензуално се договорија да има избори. Ова едноставно е само обид на Заев и алиби да и избега на правдата, таа е онаа правда заради која што ги урнисаа сите државни институции во државата“, изјави Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Пред две недели на лидерската средба свикана од претседателот Стево Пендаровски, сите лидери, вклучувајќи го и Премиерот, се согласија да има избори на 12 април.
Одговарајќи за имињата на амбасадорите за празните амбасадорски места, Заев рече дека следната недела ќе има конкретни имиња, оставајќи го отворено прашањето дали се очекува неговиот советник за надворешна политика, Дане Талески ќе биде новиот амбасадор во НАТО.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни