НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР, НЕМА ПРАВДА НЕМА МИР.
Ова беа само дел од слоганите на демонстрантите кои денеска маршираа од Чаир до Собранието, со разни пароли против, како што велат тие, политички монтираните случаи. Тие преку протестен марш побараа ослободување на невините и политичките затвореници.
Од пред законодавниот дом испратија порака до сите политички претставници.
-Тука сме за да покажеме пример на граѓанска и национална храброст. Храброста макар и да е од еден грст луѓе, може да ја зголеми надежта на еден цел народ.
Организаторот на протестот, Блерим Ахмети, рече дека во Собранието се гласаат закони кои не ги опфаќаат правата на Албанците.
-Партијата по име ДУИ, речиси 20 години се пазари на грбот на народот. Ги продава националните за партиските интереси. На видео- снимките се слушаат гласовите на членови на оваа партија како ја пцујат, понижуваат и злоупотребуваат албанската жена. Исто така се слушаат високи партиски функционери како даваат наредби за убиства, грабежи, дури и за исчезнување на трупови-вели Ахмети.
Јетула Ќерими, брат на Реџаиљ Ќерими, осуден во случајот Алфа, од говорницата му упати прашање на Али Ахмети
-Сакам да му поставам само неколку прашања на Али Ахмети. Зошто ниеден случај од убиствата на војниците на УЧК не е расветлен. Случајот со командант Тели, командант Илир, командант Шпенд, командант Шабан Зенуни, командант Харун Алиу и многу други. Како може да не е расчистен ниеден случај од убиствата на војниците на УЧК по војната од 2001-рече Ќерими.
Од истата говорница, претседателот на здружението на политички затвореници, Шпетим Положани рече дека освен монтираните политички случаи во оваа држава, на Албанците им се негира и правото на образование. Тој потврди дека објавените смс пораки на Џелал Бајрами се показател дека затворениците за случајот Монструм се невини.
-Масакрирањето и дискриминацијата во образованието не се менуваат со дискриминацијата на Албанците низ судовите. Замислете, денес во време на оптималната дигитализација, Албанците не можат да го користат универзалното право да учат на мајчиниот јазик. Случајот со Визбегово, Чашка, Јаболчиште, село Идризово и многу други случаи каде родителите Македонци се против отворање паралелки на албански јазик во нивните училишта-изјави Положани.
Тие рекоа дека ова не е последен протест туку дека ист таков ќе се организира и на 28 ноември тргнувајќи од плоштадот Скендербег. Овој протест е продолжение на претходните протести организирани од братот на Шеќерим Ахмети, познат како Ел Чека. Денешниот протест го поддржаа и од Движење Беса.