СДСМ ги напушти своите основни државотворни и социјалдемократски принципи, претворајќи се во партија во распаѓање чие раководство со години се избира со сумнителен легитимитет, истакна министерот за јавна администрација и функционер на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Минчев, кој над три децении беше дел од СДСМ и нејзин поранешен генерален секретар, посочи дека партијата која некогаш се темелеше на Илинден, АСНОМ и заштитата на македонскиот идентитет, денес е сведена на тесни бизнис-интереси и корупција.
„Заразата со овие политики започна од времето на Зоран Заев, а кулминираше со минатата влада. Венко Филипче денес е претседател со сомнителен легитимитет. Лично се сомневам дека сите внатрепартиски избори за претседател – од Заев, преку Ковачевски, па сè до Филипче – беа фалсификат. Додека партијата се распаѓа, одредени нејзини функционери уживаат на луксузни јахти и журки во Дубаи, без никаква грижа за членството“, изјави Минчев.
Коментирајќи ги новите опозициски иницијативи и фракции кои бараат смени во СДСМ, тој им посака среќа во намерите, но нагласи дека вистинските и автентични социјалдемократски вредности денес се зачувани единствено во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
„Ние, предводени од Максим Димитриевски, ги гласно ги посочивме грешките уште кога СДСМ беше на врвот од својата моќ. За разлика од нив, ЗНАМ како дел од власта е подготвен да ги соочи граѓаните со своите резултати. Ние сме единствената партија што на половина мандат излегува со конкретен отчет за работата на сите свои функционери“, заклучи Минчев.