СДСМ се претвори во партија во распаѓање која ги напушти своите основни државотворни и социјалдемократски поставки, а нејзините вистински автентични вредности денес се зачувани во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Минчев, кој над 30 години беше дел од СДСМ и нејзин поранешен генерален секретар, посочи дека и понатаму има емоција кон партијата, но дека таа под водство на Зоран Заев, Димитар Ковачевски и сега Венко Филипче ги заменила своите принципи со бизнис-интереси и коруптивни зделки.
„СДСМ беше формирана врз темелите на Илинден и АСНОМ, со национална платформа за заштита на македонскиот идентитет и со леви, социо-економски политики. Денес, вистинските вредности за кои беше основана таа партија се во ЗНАМ. Заразата со трговија, бизнис и лични интереси кулминираше со минатата влада на ДУИ и СДСМ, а зачетокот е од времето на Заев. Венко Филипче е со де Grave сумнителен легитимитет и сметам дека уште од изборот на Заев, преку промените на статутот, сите внатрепартиски избори беа фалсификат“, изјави Минчев.
Коментирајќи ги новите опозициски фракции и иницијативи (како „Платформа 119“) кои бараат смени во СДСМ, Минчев им посака среќа, но истакна дека нивните констатации за лошите политики и корупцијата не се ништо ново.
„Ние, предводени од председателот Максим Димитриевски, гласно ги кажавме сите грешки на тогашната политика на СДСМ уште кога тие беа во најголема моќ и раководеа со 50 општини и централната власт. Тогаш требаше да се има храброст. Меѓу оние кои сега бараат смени, поголем легитимитет имаат оние кои не биле дел од власта, додека другиот дел беа активни учесници во тој систем. Тие се соочуваат со партија што стана гнездо за заштита на лични интереси, чии функционери уживаат на луксузни јахти и журки во Дубаи без никаква грижа за членството“, додаде тој.
За разлика од опозицијата, Минчев потенцираше дека Движењето ЗНАМ е стабилен и одговорен партнер во власта кој редовно им дава отчет на граѓаните за својата работа.
„ЗНАМ е единствената партија што на половина мандат излегува пред граѓаните со конкретна книга-отчет за сработеното од нашите функционери. До крајот на годината ќе посетиме 14 општини под мотото ‘2 години работа, 2 години резултати’, затоа што не се плашиме да ги соочиме граѓаните со нашите конкретни резултати“, заклучи Минчев.