Министерството за образование и наука и СОНК ги приближиле ставовите за наоѓање заедничко решение за покачување на платите и се на добар пат да постигнат договор. Сепак, и денешната средба заврши без конкретен договор.
„Има напредок, има приближување на позициите, а тоа зборува за сериозниот пристап на Владата и МОН. Посветени сме на двете прашања, и на временскиот момент од кога ќе почне третото покачување на платите како и на процентот, и се земаат предвид сите параметри“, рече Адеми.
Претседателот на Синдикатот за образование и наука, Јаким Неделков, рече дека има придвижување на ставовите, но дека нема да попуштат за барањата за покачување на платите од јануари следната година. Тој додаде дека не планираат да го одложат штрајкот предвиден за 11 ноември.
Пред една недела, СОНК не го прифати предлогот на Владата за покачување на платите на овој сектор за 10% од април следната година.