Македонија

Македонија добива хеликоптери за спасување, само една компанија се пријавила и го добила огласот

На 29 ноември, на 161 седница, Владата донесе одлука за воспоставување Јавно приватно партнерство за формирање на хеликоптерски итен медицински систем. Од потпишувањето на договорот, најдоцна за шест месеци, компанијата ќе мора да испорача два хеликоптери за медицинска помош и пребарување и спасување.
На јавниот повик, условите ги исполнила само една компанија. САРХЕМС ДООЕЛ Скопје. Регистрирана во месец јули оваа година, со влог од 5 илјади евра. Основач-сопственик, но и управител на компанијата е запишан Саша Ѓаковиќ од Гетеборг, Шведска.

По објавениот оглас имало осум заинтересирани меѓународни компании. Од нив пет компании, платиле за да ја добијат тендерската документацијата и ја подигнале. Но, на огласот со своја понуда се пријавила само една, САРХЕМС. Од владата велат дека компанијата ги исполнува сите услови.

Се заинтересиравме која е компанијата која треба да обезбеди два хеликоптери. Поради тоа побаравме подетални информации од Владата.

Одговор добивме на дел од прашањата, како што е бројот на заинтересирани компании, кога и каде бил објавен јавниот оглас. Но, останатите прашања останаа неодговорени, а тие се:

Кои критериуми требало да ги исполни компанијата?
Која меѓународна компанија САРХЕМС ја претставува во Република Северна Македонија, ако се знае дека САРХЕМС е регистрирана во Скопје?
Дали оваа компанија има исти или слични дејности во други земји, ако да во кои?
Зошто се прави јавно приватно партнерство, дали тоа значи дека државата нема капацитет за вакво нешто и зошто не е следен примерот на голем број држави во Европа, каде хеликоптерскиот итен медицински систем се реализира преку „Црвен крст“ или Дирекцијата за заштита и спасување?

Прашања испративме и на емаил адресата која е наведена во централниот регистар при регистрацијата на компанијата. Иако чекавме три дена, одговор не добивме.

Се обидовме да дознаеме повеќе преку социјалните мрежи. Го пронајдовме Саша Ѓаковиќ. Она што дознавме е дека тој е основач и ко-сопственик на шведскиот конзорциум „SHC Swedish Helicopter“. Џон Волгрин и Мартин Фабијансен, се јавуват како партнери и претседател и потпретседател. Детални информации на нивната интернет адреса за слични дејности во други земји, нема.

Договорот се уште не е потпишан, а кога ќе биде, компанијата има рок од шест месеци да обезбеди два хеликоптери. Сепак, на нивната интернет страница стои дека им се потребни 12 месеци да обезбедат возен парк, но и пилоти, оператори, спасувачи пливачи и техничари.
Договорот за јавно-приватно партнерство ќе биде вклучен за период од 8 години. Потоа, целата опрема останува во сопственост на државата. Компанијата е должна да изгради мрежа од сертификувани места за слетување и полетување на хеликоптери, според дефинирани стандарди, во повеќе градови и тоа Скопје, Тетово, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Штип, Струмица и Велес.

Приватниот партнер за обезбедување на хеликоптерски итен медицински систем и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување, ќе организира и наплатува содветна давачка во рамки на постојните законски утврдени решенија, со тоа што за граѓаните ќе бидат бесплатни.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни