Меѓу прислушуваните разговори за случајот „Монструм“, денеска се слушаа и разговори на претседателот на ДУИ, Али Ахмети со други партиски функционери. Се слушаа и разговори на неговиот тогашен коалиционен партнер, Никола Груевски. Во еден разговор меѓу екс-премиерот Никола Груевски и екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Груевски вели дека ДУИ на сите страни шири лаги за постапувањето на МВР околу петкратното убиство и дека тоа не е во ред, на што Јанкулоска му одговара дека поради тоа треба остро да реагираат кон ДУИ. По реакцијата на Исламската верска заедница за апсење на жени муслиманки, во една порака Груевски пишува дека треба да реагираат на ова.
Беше прочитана и една порака која Ермира Мехмети му ја испратила на Бујар Османи, по неговата изјава за случајот „Монструм“.
Случајот „Монструм“ е на повторно судење по одлуката на Врховниот суд во ноември 2017 година и е во доказна постапка. Се изведуваат смс-пораки и други транскрипти, предложени како дополнителни докази од Обвинителството. За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.