Како што се наближуваат изборите, тензиите меѓу власта и опозицијата се повеќе растат. Се почесто јавноста е сведок на жестоки расправии кои на момент прераснуваат дури и во меѓусебни кавги. Најостро беше кога минатата недела лице в лице на високи тонови се караа а разменија и навредливи зборови пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев и на СДСМ Александар Кирацовски.
Тогаш се прекина собраниската комисија на која требаше да помине Законот за администрација. Вчера три пати беше прекинувана седницата на Комисијата за труд и социјала и доцна попладнето иако се исцрпе расправата, законот не беше ставен на гласање. Претходно Ѓорчев ја напушти седницата, иако е претседател на Комисијата.
Пратениците на власта уште вчера реагираа дека намерно се прават опструкции од опозицијата, а со обвинувања излегоа и денеска.
Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев ја префрла топката и вели дека власта е таа која ја кочи државата и дека министрите не доаѓале на комисиска расправа. Тој денеска повторно ја закажа седницата, но запрашан дали веднаш ќе се гласа за измените на законот откако вчера се исцрпе расправата вели дека уште има пријавено за дискусија.
Покрај законот за минимална плата со кој се предлага зголемување на 14 илјади и 500 денари, како и законот за материјално обезбедување на стечајните работници, прекината беше и седницата за расправа за законот за административни службеници за кој ВМРО-ДПМНЕ покрај поднесените 680 амандмани најави дека ќе поднесе уште 300 други.