Функционерите на ДУИ секој ден сѐ повеќе ја злоупотребуваат службената положба и тоа само за прибавување лична корист, обвинуваат од Алијанса за Албанците. Од партијата бараат оставка од заменик-директорот на Царинската управа, Ирфан Бучи, по скандалот, како што велат, со царинските службеници кои се собираат во седиштето на ДУИ.
ТВ21 побара став од заменик-директорот, Бучи. Тој уверува дека е убеден дека не прекршил ниту еден закон или кодекс, додавајќи дека одговор за обвинувањата и барањата на Алијанса за Албанците се очекува да даде ДУИ. Но, до ова информативно издание не добивме одговор од седиштето на интегративците. Инаку, во Кодекс на однесување на царинските службеници пишува дека треба да бидат неутрални и да не го изразуваат нивното политичко убедување.
Барањето на Алијанса за Албанците уследи само неколку дена откако заменик-директорот на Царинска управа, Ирфан Бучи во придружба на пратеникот Артан Груби, собра дел од царинските службеници во седиштето на ДУИ.