По повеќе од една недела откако од владејачкото мнозинство беше предложен за потпретседател на Собранието Зекир Рамчиловиќ и конечно е избран на оваа функција. За неговиот избор гласаа пратениците на СДСМ и ДУИ, а против беше ВМРО-ДПМНЕ. По изборот тој даде и свечена заклетва. Пред гласањето неколкумина пратеници од опозицијата остро го критикуваа Рамчиловиќ и го обвинија дека како поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ тој прави политички пазар со власта. Во кратката биографија не видов дека навел дека бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Испровоциран од критиките Рамчиловиќ рече дека е зачуден од сето она што го кажаа против него и дека го навредиле не само него туку целата бошњачка заедница од каде тој доаѓа, а ги обвини и за лицемерие.
Атмосферата во еден момент се вжешти кога претседателот на Собранието Талат Џафери во процедурална забелешка рече дека е невкусно да се читаат имињата на тоа кој е потпишан во предлогот за Рамчиловиќ. На ова Илија Димовски гласно довикуваше да се симне од претседателското столче ако сака да дискутира.
Рамчиловиќ доаѓа на потпретседателската позиција на законодавниот дом откако претходно Весел Мемеди си даде оставка и од пратеничката функција. За неговиот избор гласаа 62 пратеници а 16 беа против.