Македонија

Во прекин ископот на јаглен, дефект во рудникот „Брод – Гнеотино“ во РЕК Битола

Во прекин е ископот на јаглен во рудникот “Брод – Гнеотино“. При преместувањето на багерот СР(с) 2002 дошло до згмечување на лентата помеѓу него и претоварниот уред, со  што дошло до оштетување на носечката конструкција на лентата. За среќа, повредени работници нема.

„Се прават анализи на штетата и првичните анализи покажуваат дека штетите не се големи. Санацијата на тој дефект ќе трае пет до седум дена и во овој период системот нема да биде во функција. Овој период ќе го искористиме за санацијаи на други делови на системот во рудникот „Брод- Гнеотино“. За други детали, би оставил да кажат стручните служби што ќе го подготват извештајот“, изјави Драги Миновски, генерален директор на ЕЛЕМ.

Христијан Мицкоски при вчерашната посета во Битола како поранешен директор на ЕЛЕМ рече дека поради прекинот ќе поскапи цената на произведена струја.

„Застојот би требало да биде неколку недели и цената на чинење на поправката е неколку стотици илјади евра, но она што е позначајно во случајов е што ќе имаме застој во ископот на јаглен во рудното наоѓалиште Брод- Гнеотино, односно застојот можеби физички нема да се почувствува, но претпоставувам дека менаџментот на РЕК Битола ќе обезбеди дополнителен ископ со помошната механизација. Тоа значи ќе има зголемени трошоци, односно цената на произведен МWh што ќе доаѓа од РЕК Битола, ќе биде значително поголема“ изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од државните електрани додаваат дека нон сенс се тврдењата дека дефектот ќе влијае врз цената на произведената електрична енергија и потсетуваат дека во текот на 2018 година седум пати било продадено вишок на електрична енергија со што оствариле приход од 20 милиони евра.

Репортер: Јовица Пауноски

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни