„Топла клима и насмевки на средбата Мицотакис-Заев во Солун“, „Заев го покани Мицотакис во Скопје“, „Зоран Заев: За нас не постои алтернатива од целосно членство во НАТО и ЕУ“, „Заев го покани Мицотакис во С. Македонија“, „Иницијативи на Мицотакис за Балканот“, „Мицотакис-Заев: Преспа, македонските производи и поканата“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за вчерашната средба на премиерите на двете земји, за која велат дека траела 40 минути и поминала во добра клима, јави дописничката на МИА од Атина.
Медиумите во Грција ги пренесуваат изјавите на македонскиот премиер по средбата, а акцентот го ставаат на упатената покана до Мицотакис да го посети Скопје, но и на иницијативите што планира да ги преземе претседателот на грчката Влада во однос на ЕУ перспективата на земјите од регионот.