Франција испрати нон-пејпер до земјите членки на Европската унија во која бара „обновен пристап“ во процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. Во неофицијалниот документ се бара и Европската комисија до јануари идната година да објави нова методологија во процесот на започнување на пристапните преговори. Новата методологија предвидува построги критериуми, постепено пристапување, но и поддршка во целиот процес. Во документот се наведува и дека овој нов пристап ќе се заснова и на засилено политичко управување. Конкретни мерки ќе се бараат во однос на реформите потребни за целосно усогласување со принципите на владеењето на правото и генерално за примена на европското законодавство, како и со појавата на иселувањето. Постепеното зачленување ќе се одвива со преминување од една фаза во друга а се предлага да има реверзибилна природа, односно доколку земјата кандидат покаже назадување на стандардите да биде суспендиран или вратен на почеток.
– Преговорите треба да се организирани околу поглавја на политики, во кои постепено ќе се вклучуваат земјите кандидати,
– Строги услови, се со цел ефективно приближување кон европските норми и стандарди на долг рок, во областа на владеењето на правото, но и економската и социјалната компатибилност,
– Конкретни придобивки во текот на овој процес (кои во моментот недостасуваат и не ги превенираат миграциските движења, што претставуваат проблеми за обете страни), особено преку зголемена финансиска поддршка,
– Реверзибилен процес за да се обезбеди неговиот кредибилитет и стимулативната негова природа
За новата методологија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека тоа претставува рамка чии детали дополнително треба да се прецизираат и утврдуваат.
„Очигледно е дека нашите партнери од ЕУ констатирале дека постојат двојни стандарди кај земјите аспиранти за членство. Доколку видат дека вие формално, а не суштински затварате поглавја, постои можност повторно да се навраќате на иста група поглавја, а тоа може да прерасне во приказна која нема завршеток. Затоа потребно е да се европеизираме одвнатре, за да можеме да бидеме конкурентни во Европа.“, рече Мицкоски.
Иако во последно време датумот и речиси и да не го спомнува, сепак од денешната трибина премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев не пропушти, а да не ја спомне опозицијата. Како што вели тој, дури и Макрон признал дека државата исполнила се, само Мицкоски и опозицијата се среќни.
„Тие се против Преспанскиот договор, против Бугарија, против ЕУ. Дури и Макрон призна дека сме исполниле се’ само Мицкоски е среќен. Зошто? За пуста власт.“, рече Заев.
Вчера евроамбасадорот Самуел Жбогар велејќи да не се чека датумот туку да се работи на подобрување на состојбите во државата, меѓу редови порача дека стартот на преговорите станува голема неизвесност. Сега земјите членки ќе бидат преокупирани со новата методологија што ја предложи Макрон, посочи евроамбасадорот.
И шефот на државата Стево Пендаровски, кој важеше за еден од најголемите оптимисти за почнувањето на преговорите, по средбата со францускиот колега Макрон полека ја губи надежта. Имавме гаранција дека ќе биде донесена методологијата што е можно побрзо тоа значи до март најдоцна. Значи во тој дел можеме да бидеме скоро сигурни дека така и ќе се случи. Се понатаму е политичка одлука, изјави вчера Пендаровски.