Само неколку недели по враќањето на студентите во реновираниот дом „Стив Наумов“ во Скопје, повторно се појавија проблеми со условите за сместување. Студенти пријавиле поплавени соби, вода што се слевала од таваните и силна бучава од системот за греење, поради што ноќта ја поминале во вознемирувачки услови.
Платформата „Студентарија“ објави видеоснимки доставени од станарите, на кои се гледа како водата се разлева по подот во една од собите, меѓу креветите и шкафовите. На снимките се забележуваат и последиците од проблемите со кои студентите се соочиле во текот на изминатата ноќ.
Особено загрижува фактот што домот неодамна беше целосно реконструиран, а студентите повторно се вселија во него во оваа академска година. Според информациите објавени од „Студентарија“, реконструкцијата чинела околу 10 милиони евра, па новите проблеми отвораат прашања за квалитетот на изведените градежни работи и функционалноста на системите во објектот.
Ова не се првите проблеми пријавени по повторното отворање на домот. Министерството за образование и наука пред неколку дена потврди дека имало одредени инциденти, меѓу кои откорнат радијатор, активирање на алармниот систем и паркирање автомобили на зелените површини во дворот.
Од МОН тогаш информираа дека алармите се активирале во два наврати – првиот поради храна оставена во вклучена микробранова печка во чајната кујна, а вториот поради запалена цигара во студентска соба.
Од Министерството посочија дека одредени недостатоци може да се појават при користењето на објектот, но и дека дел од проблемите може да бидат предизвикани од несовесно однесување на самите станари.
Најновите пријави повторно го отвораат прашањето дали по вложените милиони евра студентите во „Стив Наумов“ ги добиле условите за сместување што им беа најавени по реконструкцијата.